Возачот кој го прегази Југослав Николовски призна вина за смртта, но не и за бегство

Возачот на мотоциклот, Фатон Нури (25), кој на 1 јули годинава на пешачка патека на кејот на Вардар го прегази 68-годишниот Југослав Николовски, денеска пред Основниот кривичен суд Скопје призна вина за тешката сообраќајна несреќа, но одби да признае дека не му укажал помош на починатиот.

​Нури призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, но за делото „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ ќе се брани и ќе предлага докази.

​„Се чувствувам виновен за сообраќајката, што не би сакал на никој да се случи тоа. Големо сочувство за фамилијата. За давање помош, сум давал помош. Кажувам дека сум давал помош на покојникот и не се чувствувам виновен за тоа“, изјави Нури пред судот.

​Обвинителката во воведниот говор истакна дека обвинителството ќе докаже дека обвинетиот, со незаконско управување на мотоцикл без возачка дозвола, возејќи на пешачка патека, ја предизвикал несреќата во која Николовски се здобил со тешки повреди од кои подоцна починал.

​Обвинението се фокусира и на второто дело, нагласувајќи дека: „Обвинетиот, иако Дедо Љубе лежел облеан во крв, по несреќата го оставил мотоциклот и го напуштил местото на несреќата.“ За разлика од Нури, сопатникот на моторот останал на местото до доаѓањето на увидната екипа.

​Според обвинението, Нури управувал мотоцикл „Кавасаки“ без регистарска табличка по пешачката патека во близина на Паркот на франкофонијата и не ја приспособил брзината, удирајќи го пешакот. Починатиот Југослав Николовски се здобил со тешки повреди поради кои починал следното утро.

​Судот ја раздвои постапката. За првото дело, изрекувањето на пресудата е одложено за 24 октомври, додека судењето за бегството и неукажувањето помош продолжува на 11 ноември. Семејството на починатиот најави барање на оштета.