Податоците од Хрватската агенција за лекови (ХАЛМЕД) покажуваат дека во 2024 година во Хрватска се издадени 28% повеќе лекови за дијабетес тип 2 кои истовремено поттикнуваат губење на тежината, како што се семаглутид (Ozempic) и лираглутид (Saxenda). Оваа појава не се поврзува со зголемување на бројот на дијабетичари, туку со нивната употреба за третман на дебелина.
Во 2024 година, биле издадени 266.012 пакувања од овие лекови, во вредност од речиси 21 милион евра, што претставува пораст од 30% во приходите во споредба со претходната година.
Лековите со активни супстанции семаглутид и лираглутид делуваат така што го регулираат шеќерот во крвта и го намалуваат апетитот. Се препишуваат на лица со индекс на телесна маса (ИТМ) поголем од 30, или од 27 до 29 доколку имаат дополнителни здравствени ризици.
Ендокринологот Кристина Блашлов објаснува дека овие лекови се базираат на хормони кои го забавуваат празнењето на желудникот и создаваат чувство на ситост, со што се забрзува процесот на слабеење. Сепак, таа нагласува дека овие лекови не се замена за здрава исхрана и физичка активност.
Нутриционистот проф. Дарија Вранесиќ Бендер предупредува на најчестите грешки што луѓето ги прават при користење на овие лекови:
- Внес на премалку калории, што доведува до исцрпеност и губење на мускулна маса.
- Прескокнување оброци, бидејќи пациентите немаат апетит.
- Продолжување со лошите навики во исхраната, верувајќи дека само лековите ќе го решат проблемот.
Двете експертки се согласуваат дека усвојувањето на здрави навики е клучно, бидејќи по прекинување на терапијата, тежината обично се враќа доколку пациентите не ја променат својата исхрана и начин на живот.