Во срцето на Чаир, пред споменикот на Скендербег, се одржа голем турнир во Counter Strike 2. Настанот, организиран на барање на младите, го покажа потенцијалот на општината во технолошкиот развој.
Првиот заменик премиер и кандидат на ВЛЕН за Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека електронските спортови се многу повеќе од забава, тие се „страст, професија и голема можност за меѓународна афирмација“.
Меџити најави дека ова е само првиот чекор кон формирање на првиот клуб за електронски спортови во Чаир. Според него, клубот ќе стане „прибежиште на таленти и референтна точка“ за сите млади ентузијасти.
Тој нагласи дека општината ќе продолжи да ги поддржува младите, кои веќе имаат постигнато меѓународни успеси.
„Ние сме со младите и за младите. Чаир е дијамант, а овој дијамант свети со енергијата на нашата младина. Со клубот CS 2.0, Чаир станува епицентар на младинската иновација во електронските спортови“, изјави Меџити.
Овој настан е почеток на ново поглавје за младите во Чаир, во кое историјата се спојува со иднината, а општината се афирмира како центар на младинскиот развој во регионот.