ВРЕДИ: ДУИ го користи „ветингот“ како параван за криминалот на своите лидери

Коалицијата ВРЕДИ жестоко ја нападна Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја дека го злоупотребува концептот на ветинг за да го одвлече вниманието од корупциските скандали и богатството на своите функционери.

„Секогаш кога ДУИ не знае како да се одбрани од јавноста и прашањата за криминалот на своите водечки луѓе, од ракав ја вади истата, веќе излитена парола — ветинг. Сметаат дека ако доволно гласно и често зборуваат за тоа, ќе ги покријат скандалите и ќе ги натераат граѓаните да заборават кој всушност се тие“, реагираа од ВРЕДИ.

Од коалицијата прашуваат зошто ДУИ, за време на своето 20-годишно владеење, не го спровела ветингот ако навистина ѝ било до правдата.

„Што ги спречи сите овие години да го спроведат? Или ветингот им е резервна тема за кога ќе дојдат во опозиција, а додека се на власт, се занимаваат со тендери, фотоволтаици, трговски и печатници“, стои во реакцијата.

ВРЕДИ посочува дека вистински ветинг треба да се спроведе внатре во партијата на Ахмети и коалицијата што ја предводи, вклучително со испитување на имотот на неговото семејство и поврзаните фирми на деца, зетовци и сватови.

„Ветинг за Артан Груби и неговата поврзаност со казино-бизнисот, лиценците за коцкање поврзани со подземјето, како и за неговото место на американската црна листа.

Ветинг за Бујар Османи и аферите поврзани со СЈО, набавките и екстравагантните трошоци за ОБСЕ самитот.

Ветинг за Арбен Таравари, за лиценците за канабис, тендерите за роднини и сомнителните имоти.

Ветинг за Блерим Беџети, за зградите низ Сарај и врските со Мијалков и Груевски“, наведуваат од ВРЕДИ.

Во завршницата на своето соопштение, ВРЕДИ порачува дека „најсилниот ветинг допрва доаѓа — народниот“, алудирајќи на претстојните локални избори, кога, како што велат, граѓаните ќе ја казнат злоупотребата на власта за лична корист.