Портпаролот на Локалниот изборен штаб на „Вреди“ во Чаир, Сабри Азири, реагираше на, како што ги нарече, скандалозните злоупотреби со јавни пари во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, предводено од директорот на ДУИ, Сабахудин Рустеми. Азири нагласи дека градот Скопје и Општина Чаир се соочуваат со последиците од партискиот коруптивен и лош менаџмент.
1,4 милиони евра за расипани возила
Азири изнесе шокантни факти дека раководството на претпријатието потрошило над 1,4 милиони евра јавни пари за „сервиси“ на возниот парк, а резултатот е катастрофален, со расипани возила и Скопје „задушено во отпад“.
Според него, со истата сума пари можел да се набави нов, модерен возен парк за собирање отпад:
„Со 1,4 милиони евра, наместо клиентелистички тендери, можеа да се купат 26–27 нови комунални возила од типот Piaggio Porter за отпад, или до 40 нови средни камиони за собирање ѓубре, или над 80–90 мали комерцијални возила прилагодени за помали маала.“
Тој додаде дека „со тие пари, Скопје, Чаир и сите општини ќе имаа целосен парк на современи возила, а граѓаните ќе живееја во чиста средина“.
Обвинување кон Бујар Османи за соучесништво
Азири посочи дека зад целиот скандал стои молкот и соодговорноста на кандидатот на ДУИ за општина Чаир, Бујар Османи.
„Бујар Османи, кој денес се претставува како загрижен лекар и добар родител, никогаш не се осмели да го повика на одговорност својот пријател, директорот на претпријатието. За него, не е важна чистотата на Чаир, туку заштитата на личниот политички углед и неговите партиските кадри“, изјави Азири.
Тој заклучи дека Османи никогаш не бил близок со граѓаните на Чаир и повеќе од една деценија ги користел нивните гласови само како трамполина за централната власт, оставајќи ги проблемите настрана.