„Вреди“ со жестоки обвинувања: Институциите претворени во семејна каса на функционерите на ДУИ

Политичкото движење „Вреди“ упати остри критики на адреса на Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја партијата за систематска злоупотреба на државните институции преку непотизам и клиентелизам во годините додека биле на власт.

„ДУИ не се плаши од нас, туку од редот, правдата и контролата што ги носиме. Нашата борба не е за власт, туку за права и еднаквост – за секој граѓанин“, се наведува во соопштението од „Вреди“.

Од таму предупредуваат дека институциите како АЕК и М-НАВ биле претворени во резервати за вработувања на блиски роднини на функционери, без конкурсна процедура базирана на знаење и способности.

„Вработувањата се темелат на врски и презимиња, а не на заслуги. Јавниот сектор е семејна каса на функционерите на ДУИ“, стои во реакцијата.

„Вреди“ дополнително посочува дека јавните конкурси најчесто се само параван за однапред договорени вработувања, со што вистинските шанси за младите се сведени на минимум.

„Наша обврска е да изградиме држава во која ќе владее мерит систем, а не партиска книшка. Непотизмот мора да се санкционира, а не да се слави“, се додава во соопштението.

Од „Вреди“ заклучуваат дека податоците за вработените и нивната етничка и роднинска застапеност во институциите мора да бидат јавни и проверливи, а не злоупотребувани за политички поени.

„Ќе го разбиеме семејниот монопол што ја зароби државата и ќе ја вратиме надежта кај младите“, завршуваат од движењето.