Секоја година на 2 мај, селото Слупчане и пошироката заедница оддаваат почит на значаен историски момент – прогласувањето на Слупчане за Слободна зона по конфликтот во 2001 година. Овој ден претставува симбол на крајот на еден тежок период и почеток на ново поглавје исполнето со надеж, мир и стремеж кон подобра иднина, истакнуваат од ВРЕДИ.
– По месеци исполнети со неизвесност, страдања и жртви, 2 мај останува запаметен како денот кога граѓаните ја избраа истрајноста и достоинството. Ден кога секој човек, без разлика на етничка или верска припадност, се здоби со правото да живее слободно и рамноправно, се наведува во соопштението.
На овој ден се одржуваат комеморации, народни собири и свечености во чест на хероите кои го положија животот за слободата. За многумина, 2 мај не е само историски датум – тоа е момент на обединување и длабока благодарност.
Овој датум е наследство што ги потсетува младите генерации на пролеаната крв, на мајките што ги изгубија своите синови во име на еднаквост и правда, на имињата што засекогаш останаа врежани на спомен-плочите.
Денес, болката се претвора во сила, сеќавањето станува обврска – никогаш да не се заборави. 2 мај и понатаму останува симболичен ден за Албанците од Северна Македонија и пошироко, се вели во соопштението на ВРЕДИ.