​Вредноста на општинските тендери порасна за 16%

Во 2024 година, вкупно 80 општини и Градот Скопје склучиле 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари, или околу 190 милиони евра. Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), според кое вредноста на општинските тендери пораснала за 16% во споредба со претходната година.

​Најголем скок во вредноста на тендерите е забележан кај скопските општини, особено во Гази Баба (околу 5,7 милиони евра), Аеродром (5,4 милиони евра) и Кисела Вода (4,9 милиони евра).

​Град Скопје со најголем пад на тендерите

​За првпат, Градот Скопје го загуби лидерското место во јавните набавки. Со пад од 11,5 милиони евра, се најде на шестото место според вредноста на договорите. Според истражувањето, тендерите на Градот Скопје во 2024 година се двојно пониски од 2018 година, која досега беше со најниска вредност во последните седум години.

​Намалување на вредноста на набавките во 2024 година, во однос на претходната година, има и кај 29 други општини. Покрај Скопје, најголем пад бележат и општините Центар (-2,2 милиони евра), Радовиш (-2 милиони евра) и Тетово (-1,5 милиони евра).

​Концентрација на фирми и трошоци по жител

​Истражувањето на ЦГК покажува дека една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми од вкупно 1.210. На врвот е компанијата ЕДС (Енерџи деливери солушнс) со договори во вредност од околу 8 милиони евра.

​Просечно, општините трошат 28% од своите буџети на јавни набавки. Најголема вредност на набавки по жител има Дојран (675 евра), додека најмала е кај Градот Скопје (14 евра).

​Според ЦГК, кај половина од општините, една фирма добила третина од сите тендери, а кај 12 општини дури и половина од сите набавки. Целта на ваквото истражување е да се алармираат локалните власти да ја стимулираат конкуренцијата и да ги поделат големите тендери на повеќе делови.

​Сите податоци за јавните набавки од 2015 година наваму се достапни на Базата на податоци за јавните набавки на општините на ЦГК.