Локалните избори 2025 се зад нас. Бројките се јасни, победникот познат, а енергијата на теренот, препознатлива. ВМРО-ДПМНЕ победи во мнозинството општини, СДСМ загуби дел од своите упоришта, а многумина повторно ќе побрзаат да ја запишат оваа приказна како крај на социјалдемократијата во Македонија. Но, тоа не би било првпат историјата да ги демантира оние што пребрзо ја погребуваат идејата..
Да не заборавиме, Христијан Мицкоски пред да дојде на власт, губеше неколку изборни циклуси. Поразите се дел од процесот на созревање на секоја партија и секој лидер. Никој не се родил победник. Патот до власт и стабилност е пат исполнет со неуспеси, грешки и искушенија.
Затоа, сосема е нормално што Венко Филипче, во своето прво излегување како лидер, не успеа да ја задржи целата поддршка. Сосема е очекувано, особено кога против себе има партија што ги држи речиси сите институции во рацете, од локалната администрација, преку медиумите, па сè до јавниот сектор.
Но тоа не е изговор. Тоа е реалност. И токму во таа реалност СДСМ мора да најде начин да се редефинира. Да се проветри, да се прочисти и повторно да задише со белите дробови на народот, а не на партиските комитети.
Да, СДСМ мора да се соочи со фактот дека дел од своето членство е уморно, а дел од своите гласачи, разочарани. Но, наместо тоа да биде изговор за дефетизам, треба да биде причина за мобилизација.
Партијата мора да се отвори, да повика нови лица, нови умови, нови гласови кои ќе донесат свежина, енергија и искреност. Тие што не се снашле во новото време не треба да бидат исфрлени, напротив, треба да бидат ментори, поддршка, школо за младите.
Социјалдемократијата никогаш не била идеја на исклучување, туку на вклучување.
И ако СДСМ има некаква историска должност, тоа е токму таа да не дозволи левицата да се претвори во карикатура од себе.
Во една моја претходна колумна реков дека СДСМ е бренд. И покрај сите свои 1001 мани, тоа е партија што оставила длабок печат во македонската политичка историја.
Од борбата за независна држава, преку евроатлантските интеграции, па до реформите во општеството, СДСМ ја носи тежината на трансформацијата на Македонија.
Таа партија не смее да згасне само затоа што поминала низ криза или затоа што неколку изборни циклуси не ја задржала властa.
СДСМ е повеќе од партија, тоа е политичка школа, идентитет, потсетник дека државата се гради со визија, а не со омраза.
Симболите не се само декорација. Тие се потсетник на идејата што стои зад нив. Ружата на СДСМ одамна избледе – не поради графички дизајн, туку поради загубената страст во идеологијата.
Ако сака партијата да се врати на својата суштина, мора повторно да ја оживее ружата, симболот на социјалдемократијата, на еднаквоста, на хуманоста, на левицата што се грижи за човекот.
СДСМ мора јасно да се позиционира лево, таму каде што ѝ е местото. Не во центарот на компромисите, не во полутонските политики, туку цврсто – со став и идеја. Да понуди реална социјалдемократија, не само по име, туку по дела: повисоки плати, праведно општество, грижа за сиромашните, фер шанси за сите.
Сега е време за зближување, не за делба. Сега е моментот сите кои ја сакаат партијата да бидат тука, од првиот претседател до последниот член.
Сега не е време за бегање од одговорност, туку за собирање под истото знаме. Зашто ако нешто ја држело оваа партија жива 30 години, тоа е љубовта кон идејата, а не кон функцијата.
А кога се сака – сè се можи!
Време е да се сака повторно.
Време е за ружата да процути.
Пишува: Виктор Азманоски