Вучиќ категоричен: Србија нема да воведе санкции кон Русија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јасно порача дека земјата нема да воведе санкции кон Руската Федерација, нагласувајќи дека ќе остане доследна на својата досегашна политика. Во изјава што доаѓа по неодамнешните навестувања од членови на српската влада, Вучиќ нагласи дека Србија „ќе продолжи да води независна и суверена политика“, без разлика на притисоците од Запад и Исток.

„Ова е политика на принципи и разум. Таа не ѝ се допаѓа ни на Западот, ни на Истокот, но за нас е вистинската“, рече Вучиќ.

Повод за неговата реакција беше интервјуто на министерот за европски интеграции, Немања Старовиќ, кој за австриската новинска агенција APA изјави дека Србија би можела да се усогласи со европските санкции кон Русија – но само кога членството во ЕУ ќе стане реалност. Старовиќ подвлече дека економските причини се во основата на српскиот отпор кон санкции, а не политичка наклонетост кон Москва.

„Воведувањето санкции нема да ја погоди Русија, но ќе ја загрози нашата економија“, порача Старовиќ.

Сепак, Вучиќ ги отфрли ваквите ставови како „невнимателни“ и порача дека Србија нема намера да се откаже од својот курс, дури и ако тоа значи критики од домашната и странската јавност.

„Жал ми е што има луѓе што повеќе би ја бранеле Русија отколку Србија, но јас ќе ја бранам Србија. Нема санкции кон Русија“, заклучи Вучиќ.