Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека денеска во Пекинг имал исклучително срдечна и пријателска средба со кинескиот претседател Шји Џјинпинг. Вучиќ истакна дека како знак на големо пријателство, Шји лично му упатил покана за државна посета на Кина.
„Она што би го кажал како добра вест за граѓаните, што го потврдува пријателството и говори за она што доаѓа потоа – претседателот Шји лично… ми упати покана како на претседател и на нашата делегација да дојдеме во државна посета на Кина“, рече Вучиќ, додавајќи дека очекува посетата да се случи во наредните шест месеци.
Економска и политичка соработка
Според Вучиќ, брзиот раст на увозот и извозот меѓу двете земји го покажува нивото на соработка. Тој побарал дополнителни инвестиции и вработувања, а претседателот Шји го информирал дека кинески експерти веќе работат на проекти во Србија.
Шји, исто така, ветил понатамошна поддршка и помош за Србија по разни политички прашања, како што е прашањето за Косово и Метохија. Вучиќ нагласи дека Србија, за возврат, го почитува принципот на една Кина.
Српскиот претседател изрази голема радост за тоа што разговорите завршиле успешно, навестувајќи нови фабрики, патишта и железници. Тој се заблагодари на Кина за поддршката, особено за време на пандемијата со ковид-19 и за поддршката за резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации.
Вучиќ додаде дека со Шји разговарале и за „немешање во внатрешните работи и за управувањето со шарени револуции“, како и за притисоците со кои се соочува Србија.