Вучиќ најави одлучна акција: Протестите ќе добијат неочекуван одговор од државата

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави дека во наредните три до четири дена јавноста ќе види „изненадувачки одлуки“ во врска со повеќемесечните антивладини протести, кои оваа недела ескалираа во насилство. Тој додаде дека по тој период, државата ќе започне „одлучна акција“ за да воведе ред.

„Банда владее на улиците“

​Во обраќањето по уште една вечер на немири и судири, Вучиќ рече дека одговорот на државата ќе биде многу поинаков од досегашниот.

​„Ќе ви изгледа дека во тие три-четири дена државата не постои, дека сме поразени, но после тоа ќе видите одлучност да вратиме ред, мир и поредок во нашата земја. Ќе се справиме со сите надворешни притисоци, со сите кои ни се закануваат“, истакна Вучиќ.

​Тој ги обвини демонстрантите дека ја уриваат државата и ги спореди со фашисти и нацисти, тврдејќи дека тие „ја загрозија демократијата“. Според него, уништени се факултети и училишта, а „нашата земја и сите наши вредности се во голема опасност“.

Протестите во Нови Сад и Ваљево се „чист тероризам“

​Вучиќ особено се осврна на настаните во Нови Сад и Ваљево, каде беа запалени и демолирани просториите на владејачката Српска напредна партија, нарекувајќи го тоа „чист тероризам“.

​„Прашање на денот е кога некого ќе убијат. Само тоа им преостана, да убиваат отворено на улица“, заклучи Вучиќ, но нагласи дека вонредна состојба не се разгледува како опција.