Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сериозно предупредување за време на отворањето на новата брза железница Белград-Суботица, тврдејќи дека целиот свет се подготвува за војна и дека таа е неизбежна.
„Ќе биде сè потешко во светот. Ќе биде тешко и тука, од едноставна причина што луѓето мора да знаат дека сите се подготвуваат за војна. А кога се подготвуваат за војна, тоа значи дека ќе има. И ви велам, ќе има“, рече српскиот претседател.
Тој посочи дека големите сили „не се заинтересирани за разговори и преговори“, туку дека „копаат ровови и чекаат почеток“.
Вучиќ нагласи дека светот се движи кон војна и дека малкумина можат да ја спречат. Поради тоа, Србија мора да се подготви за потенцијалниот судир.
„Ќе мора да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле… Нашата армија е подготвена да го одврати секој непријател, но ќе мора да подготвиме и некои други работи“, изјави тој.
Како дел од подготовките, тој објави дека веќе двапати ги зголемил сите резерви на храна, како за армијата, така и преку стоковните резерви, и најави дека повторно ќе побара дополнително зголемување.
Во однос на можните проблеми со снабдувањето со гориво поради санкциите на САД врз нафтената индустрија на Србија (НИС), Вучиќ порача дека граѓаните не треба да се грижат и дека проблемите ќе бидат решени.
„Ќе ги решиме проблемите и нема да има бензин во кантички, но нека знаат дека ако случајно имаме бензин во кантички, единствените што треба да се обвинат се тие [кои ги наметнаа санкциите]“, заклучи тој.