Вучиќ ја помилува Милица Стојановиќ: Судот го отфрли обвинението за напад на студентка

Милица Стојановиќ, која на студентскиот протест во јануари годинава во Белград со автомобил удри и тешко повреди студентка, е целосно ослободена од кривична одговорност со одлука за помилување од претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Ова го потврди Третиот основен суд во Белград, во одговор до истражувачката мрежа КРИК, пренесува српската телевизија Нова.

Инцидентот се случи за време на протест против владеењето на Српската напредна партија (СНС), а Стојановиќ беше обвинета за обид за убиство, дело кое носи минимум десет години затвор. Но, кривичното дело подоцна беше преквалификувано во тешко дело против општата безбедност, со максимална казна до пет години. Оваа преквалификација ја направи главниот јавен обвинител во Белград, Ненад Стефановиќ, кој го презеде предметот од обвинителката што првично покрена постапка за обид за убиство.

Со новата квалификација, случајот беше префрлен во надлежност на понизок суд, Третиот основен суд во Белград, кој, по одлуката за помилување од Вучиќ, во петокот и официјално го отфрли обвинението.

Стојановиќ претходно беше пуштена од притвор, а нејзиниот случај добиваше сè поблаги третмани во судската постапка.

Во изјава дадена минатиот месец, претседателот Вучиќ рече:

„Со ништо тоа (судењето) не го заслужи, а за мене е страшно тоа што, како претседател кој до пред неколку недели немаше издадено ниту едно помилување во девет години, сега морам да ја исправам неправдата што ја нанесуваат обвинителствата и судовите.“

Ова не е единствената спорна одлука за помилување што ја донел Вучиќ. Српската телевизија Нова јавува дека претседателот неодамна помилувал и четворица активисти на владејачката СНС, кои во јануари во Нови Сад нападнале студентка, предизвикувајќи ѝ тешки телесни повреди, вклучително и дислокација на вилицата.

Помилувањата предизвикаа бурни реакции во јавноста и меѓу граѓанските организации, кои ги толкуваат овие одлуки како загрозување на правдата и поддршка на насилството врз демонстранти.