Габриела Илиевска: Време е Битола да си ја вратиме на граѓаните, а не на партиите

Габриела Илиевска, актуелна претседавачка на Советот на Општина Битола и кандидатка за градоначалничка од движењето „Поинаку“, во интервју за „Револуционер“ зборува за најголемите предизвици со кои се соочила во својата функција, за потребата од поинаков пристап во политиката и за приоритетите што ќе ги спроведе доколку ја добие довербата на битолчани. Таа нагласува дека е време Битола да се врати во рацете на граѓаните, а не на партиските централи, и дека младите, транспарентноста и стручното кадро се темелот за поуспешна иднина на градот.

Разговараше Виктор Азманоски.


Азманоски: Госпоѓо Илиевска, како актуелна претседавачка на Советот на Општина Битола, кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте и како успеавте да ги надминете?

Илиевска: На истекот на мандатот на овој состав на Советот на Општина Битола, би кажала дека имавме четири години исполнети со работа, конструктивност, транспарентност и отчетност.

Најголемите предизвици дојдоа токму од самата Општина – неспроведување на донесени одлуки, подметнување несоодветни точки, па дури и поднесување пријави до инспекции и обвинувања објавени на официјалната страница на општината, што доведуваше до ширење хистерија. Сепак, успешно се справивме со сите овие напади, а најдобар показател за тоа е поддршката која ја добиваме од граѓаните.

Азманоски: Често зборувате за потребата од „поинаков“ пристап во локалната политика. Што тоа значи за граѓаните на Битола?

Илиевска: Поинаков пристап пред сè значи граѓанско, а не партиско делување. Ние со години се залагаме проблемите на локално ниво да се решаваат без потреба од дозвола од партиската централа во Скопје. Бараме стручни кадри на одговорни позиции, а не луѓе кои се наградуваат со функции поради партиски заслуги.

Граѓаните имаат потреба од функционален систем, но за жал, партизацијата ги уништи институциите и ги сведе на лични, семејни и партиски интереси.

Азманоски: Кои ќе бидат Вашите три први приоритети ако станете градоначалничка на Битола?

Илиевска: Прво – функционалност на Општината во интерес на граѓаните, а не на партијата. Тоа за нас значи да си ја вратиме Битола.

Второ – основната чистота на градот е на многу ниско ниво веќе подолг период, затоа таа ќе биде еден од клучните приоритети.

И трето – стручни кадри на соодветни позиции. Тоа беше и мое барање кон претходната власт, но за жал, не беше реализирано.

Азманоски: Во јавноста постојано има забелешки за транспарентноста и отчетноста на локалната власт. Како Вие планирате да изградите доверба кај граѓаните?

Илиевска: Со активно вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуки. Секој проблем мора јавно да се објави, но и да се побара мислење од граѓаните за неговото решавање. Често тие самите имаат практични и поуспешни решенија. Секојдневниот живот на граѓаните мора да биде основа за функционирање на Општината.

Азманоски: Младите се чувствуваат запоставени во процесите на одлучување. Како ќе ги вклучите во креирањето на локалните политики и проекти?

Илиевска: Нефункционалниот систем, партизацијата и корупцијата создадоа апатија кај младите. Но, со промена на начинот на работа и решавање на основните проблеми, тие ќе добијат мотивација да се вклучат.

На овие избори голем број млади ќе бидат дел од нашата борба. Тие ќе имаат можност да креираат политики и да бидат активен дел од системот.

Азманоски: Битола е град со голема културна традиција и потенцијал. Кои се Вашите планови за културен и туристички развој?

Илиевска: Битола и понатаму живее како град на културата, но потребна е многу поголема работа за туристичката понуда. Имаме што да понудиме и што да покажеме за да привлечеме повеќе туристи и да ги задржиме подолго во градот и околината.

Еден од проектите што го истакнувам е изградбата на гондола до Пелистер и поголемо искористување на убавините на Националниот парк. За тоа се залагаме веќе неколку години.

Азманоски: Вашата кандидатура е поддржана од движењето „Поинаку“. Колку сметате дека граѓаните се подготвени да дадат доверба на независна опција наместо на традиционалните партии?

Илиевска: „Поинаку“ постои веќе неколку години и докажа дека може да се работи поинаку. Јас сум првиот независен претседател на Советот на Битола – тоа е доказ дека граѓаните знаат да ја препознаат вредноста.

На луѓето одамна им е смачено од партискиот начин на владеење кој ги запоставува нивните реални потреби. Верувам дека овој пат ќе ја препознаат шансата за вистинска промена. Нам ни е Битола пред сè, а на другите им е партијата пред сè.