Габриела Илиевска најави независна кандидатура за градоначалничка на Битола

Актуелната претседателка на Советот на општина Битола од движењето „Поинаку“, Габриела Илиевска, на својата фејсбук-страница официјално ја објави својата кандидатура за градоначалничка на Битола. Таа ќе се бори како независен кандидат, повикувајќи ги сите битолчани на заеднички фронт против, како што вели, „30-годишното партиско уништување на градот“.

​Илиевска ги повика сите граѓани, без разлика на нивната политичка припадност, да ја поддржат за создавање на „поубава, почиста, непартиска и независна Битола“.

​Таа ги повика битолчани да се спротивстават на уцените за работни места, тендери и директорски позиции, нагласувајќи дека ова е првпат Битола да има можност да одлучи за својата иднина без притисоци.

​Илиевска призна дека нема финансиски средства за кампања, маркетинг или плаќање на гласови, но истакна дека поседува „храброст, знаење, интегритет, чесност и достоинство“ да се спротивстави на оние кои, според неа, досега само го „краделе градот“.

​„Време е Битола да биде независна! Време е сите ние да си ја вратиме Битола!“, напиша Илиевска, заклучувајќи ја својата објава со слоганот: „Еден за сите, сите за Битола! Битола на граѓаните! И ќе победиме“.