Галетановски со емотивна порака до родителите: Научете ги децата на човечност

По повод почетокот на новата учебна година, претседателот на градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, упати емотивна порака до родителите. Во објавата, Галетановски ги повикува родителите да разговараат со своите деца и да ги научат на основните вредности на човечноста.

​„Кажете им дека постојат деца повисоки, пониски, покрупни, послаби, некои носат очила, имаат здравствени состојби, различна боја на кожа или пак се облекуваат поинаку. Објаснете им дека пријателството и добрината се поважни од сè“, напиша Галетановски.

​Тој нагласува дека потсмевот боли и дека парите не се мерило за човечноста. Според него, важно е децата да научат дека нема ништо срамно во носењето исти патики или ланско училишно ранче, бидејќи „тие носат исти соништа како и новото“. Галетановски ја заврши својата порака со апел да се научат децата да споделуваат, нагласувајќи дека е убаво да се подели ужинка со другар.