Во рамки на традиционалната „Галичка свадба“, денеска во селото Галичник се венчаваат овогодинешните младенци – Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. Нивниот брак, кој ќе биде склучен во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“, е централниот настан на манифестацијата, во кој се изведуваат автентичните свадбени обичаи карактеристични за мијачкиот крај.
Утрината започна со низа ритуали како што се: „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“, „тргнување по невеста“ и обичајот „гледање низ прстен“. По традиционалното испраќање на невестата и дарувањето, следи венчавката, а свадбениот ден ќе биде заокружен со симболичното испраќање на тапанџиите и зурлаџиите – обележје на крајот на церемонијата.
Невестата и зетот на прес-конференцијата пред почетокот на манифестацијата изразија голема чест и благодарност што се избрани да бидат дел од оваа долгогодишна традиција. Јован Филипоски, потомок на старата галичка лоза, изјави:
„Оваа традиција ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од родителите. Од мал мечтаев да бидам зет на Галичката свадба. Чест ми е и се надевам дека многу посетители ќе дојдат да ја почувствуваат оваа убавина.“
Лилјана Михајлоска нагласи дека заедно со гордоста, носат и одговорност:
„Огромна чест и задоволство е што сме избрани. Се чувствуваме среќно и гордо, но знаеме и колку е важно оваа традиција да се пренесе доследно и со љубов.“
Манифестацијата започна во петокот со монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“, во чест на Ѓорѓија Пулевски и 150-годишнината од објавувањето на неговиот „Речник на три јазици“. Претставата е напишана од Миле Бошњаковски, во режија на Бојан Трифуновски, а ја изведе актерот Рубенс Муратовски.
Во саботата беа одржани дел од традиционалните свадбарски ритуали, меѓу кои пречекот на тапаните, китењето и поставувањето на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и свекрвиното оро. Особено внимание привлече изведбата на „Невестинското“ и „Тешкото“ оро од страна на ансамблот „Танец“, кои го симболизираат печалбарството и борбениот дух на мијачкиот народ.
Во вечерните часови, невестата традиционално ја исполни обврската за полнење вода, обичај што се поврзува со желбата за семејна среќа и благосостојба.
Институционален покровител на настанот е претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Министерството за култура и туризам е меѓу главните поддржувачи, а „Пивара Скопје“ е долгогодишен партнер на манифестацијата, со поддршка која трае веќе половина век.
Целата програма се прикажува во живо на видеоекран поставен на главното плато во Галичник, како и на социјалните мрежи. Поради очекуваната голема посетеност, организаторите најавија посебен сообраќаен режим и упатија апел за одговорно однесување – посебно во однос на консумирањето алкохол и грижата за природата.