Гевгеличанец под истрага за дрога и уништување службен документ

Основното јавно обвинителство поведе истрага против едно лице од Гевгелија под сомнение за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, како и за одземање или уништување службен печат или спис.

Според наводите од обвинителството, при претрес извршен на 1 август во семејниот дом на осомничениот, полицијата пронашла 26,42 грама кокаин, за кој постојат индиции дека бил наменет за продажба. Дрогата била откриена во јакна закачена во ходникот од куќата, заедно со други предмети со траги од кокаин.

Дополнително, осомничениот се соочува и со обвинение за уништување службен документ, откако при претресот, иако му била предадена и прочитана судската наредба издадена од Основниот суд во Гевгелија, тој ја ззел наредбата со службен печат на МВР и ја искинал пред полициските службеници. Со тоа, според обвинителството, оштетил официјален документ кој припаѓа на државен орган.

Поради основано сомнение и ризик од бегство или повторување на делото, јавниот обвинител поднесе предлог до судот за определување мерка притвор за осомничениот. Одлуката се очекува во наредниот период.