Генералното собрание на Обединетите нации гласаше за поддршка на палестинска држава со влада која нема да биде раководена од Хамас. Ова е дел од компромис, изработен од Франција и Саудиска Арабија, со кој арапските земји го осудија нападот на Хамас од октомври 2023 година, во замена за поддршка на палестинската државност.
Со 142 гласа „за“, 10 „против“ и 12 „воздржани“, беше поддржана т.н. Њујоршка декларација, со која се повикува на решение со две држави.
Детали од гласањето и содржината на резолуцијата
Декларацијата го содржи едно од најжестоките осудувања на Хамас од страна на ОН, со кое се осудуваат нападите од 7 октомври и се бара ослободување на заложниците.
Против гласаа: Израел, САД, Унгарија, Аргентина, Микронезија, Науру, Папуа Нова Гвинеја, Палау, Парагвај и Тонга.
Воздржани беа: Република Северна Македонија, Чешка, Албанија, Фиџи, Камерун, Етиопија, Самоа и други.
За гласаа: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Велика Британија и голем број други земји.
Декларацијата отвора пат за одржување на конференција на ОН за решение со две држави, на која се очекуваат повеќе земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Канада и Австралија, формално да ја признаат државата Палестина.
Во декларацијата се наведува дека Хамас мора да се разоружа и да ја предаде контролата над Појасот Газа на Палестинската управа. Се споменува и распоредување на „привремена меѓународна стабилизациска мисија“ под мандат на Советот за безбедност на ОН, со цел да се заштити населението и да се обезбедат безбедносни гаранции за Палестина и Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира дека Израел никогаш нема да прифати палестинска држава, додека израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, ја нарече резолуцијата „театар, а не сериозен обид за мир“.