Актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат од СДСМ, Горан Герасимовски, најави дека легендата на кошаркарскиот клуб „Работнички“ продолжува да живее, со поддршката за документарниот филм „Вратете ни го чаламот“. Тој ги повика граѓаните да присуствуваат на премиерата вечерва и вети дека ќе се вратат гордоста и победничкиот дух, со нова сала и многу победи.
Герасимовски истакна дека филмот „Вратете ни го чаламот“, во продукција на „Слобода филм“, зборува за историјата, успесите и за сите оние кои никогаш не се откажале од клубот, без разлика на предизвиците.
„Се враќаме на гордоста, на спомените, на победничкиот дух што ‘Работнички’ го носи со себе уште од првиот ден. Ги поканувам сите центарци и скопјани, вечерва да дојдат на премиерата на документарниот филм“, напиша Герасимовски.
Тој изрази гордост што дал поддршка за реализација на овој филм и најави дека со проектите за клубот, го враќаат „чаламот“ на Работнички, „со нова сала и многу победи!“.