Герасимовски: Дипломатските таблички не се алиби за непрописно паркирање во Центар

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, јавно ја критикуваше Австриската амбасада и упати остар протест поради непрописно паркирање на нивно возило во пешачка зона во населбата Капиштец, нагласувајќи дека за странските дипломати мора да важат истите прописи како и за сите други граѓани.

​Герасимовски порача дека дипломатските таблички не смеат да се користат како алиби за непочитување на сообраќајните правила.

​„Испративме остар протест до Амбасадата на Република Австрија поради непрописно паркирање на нивно возило среде пешачка зона во Капиштец. Таквите постапки се спротивни на сообраќајните правила и можат да ја нарушат јавната безбедност,“ истакна Герасимовски.

​Според него, почитувањето на локалните прописи е основен принцип кој важи за сите, без исклучок.

​Кандидатот на СДСМ изрази убеденост дека, и покрај ваквите инциденти, со заемно почитување и соработка со дипломатската заедница, ќе продолжат да се градат добрите односи и разбирањето меѓу институциите, во интерес на јавниот ред и безбедноста на сите граѓани на Центар.