Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, порача дека делото на светите браќа Кирил и Методиј е непроценливо наследство што ги оплеменува генерациите и служи како вечен патоказ за негување на јазикот, културата и идентитетот.
„Мисијата на Кирил и Методиј да го шират словото на народен, разбирлив јазик беше револуционерна – тие го поставија темелот на писменоста и правото на секој народ да учи, мисли и верува на својот мајчин јазик“, рече Герасимовски.
Тој додаде дека денешниот ден е потсетник за сите нас дека сме чувари на јазикот и традицијата, и дека обврската да ги пренесеме тие вредности на идните генерации е постојана.
„Да продолжиме по нивниот пат, со знаење, посветеност и почит кон нашето духовно и културно богатство. Честит 24 Мај – Денот на сесловенските просветители. За многу години!“
Делото на Кирил и Методиј останува жив симбол на просвета, единство и јазична самобитност, не само за Македонија, туку и за целиот словенски свет.