Герасимовски: „Комунална хигиена“ не си ја врши работата, Центар се гуши во ѓубре

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска во утринска обиколка на улиците затекна контејнери опкружени со купишта смет. Тој го искористи моментот да упати апел до Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ редовно да го собира отпадот и да си ја извршува својата законска обврска.

​„Целата општина е полна со смет, нашите хигиеничари се постојано на терен, го сработуваат сето она што Комунална хигиена не го сработува изминативе години“, изјави Герасимовски, додавајќи дека веројатно ќе следи демант од ЈП „Комунална хигиена“.

Општина Центар набавува нова опрема за чистење

​За време на утринската акција, хигиеничарите на Општина Центар веднаш го расчистија просторот околу контејнерите. Градоначалникот најави дека општината ќе продолжи да работи во интерес на своите жители, дури и кога тоа е надвор од нејзините надлежности.

​„Продолжуваме да си го чистиме Центар и да ја завршуваме работата на Јавното комунално претпријатие, продолжуваме и со она што го ветивме пред граѓаните – да купуваме дополнителна опрема“, изјави Герасимовски.

​Тој најави набавка на две нови цистерни за миење на улиците, како и нови метларки и камион, бидејќи „очигледно Комунална хигиена не си ја врши работата“.