Герасимовски: Обновено детско игралиште во Капиштец, поставена нова подлога и урбана опрема

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека викендов е поставена нова подлога на детското игралиште во паркот во населбата Капиштец. Како дел од завршната фаза на реконструкцијата на паркот, поставена е вештачка трева како горна подлога, при што се задржани постојните гумени плочи кои служат како амортизирачки слој.

Оваа подлога е во согласност со стандардите за квалитет и безбедност, со цел да се обезбеди заштита на здравјето на децата и заштита на животната средина. Во следните денови ќе биде поставена дополнителна детска урбана опрема, вклучувајќи лулашки и клацкалки.

Во изминатиот период, во рамки на реконструкцијата, поставено е ново ЛЕД осветлување, изградена е нова патека за движење, засадено е ново зеленило и декоративни садници, со што се обновени вкупно 7.800 квадратни метри јавна површина.

Герасимовски апелира до граѓаните да се грижат за новата урбана опрема, да не ја оштетуваат и заеднички да создадат и одржуваат почиста, побезбедна и поубава животна средина за сите, особено за најмладите.