Герасимовски објави повик за мини мурали и графити во чест на македонскиот јазик и писмо!

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави јавен повик за изработка на мини мурали и графити на јавни простори, кои ќе го истакнат значењето на македонското писмо и јазик, како и културните обележја значајни за локалната заедница. Оваа иницијатива е дел од Програмата за култура за 2025 година и има за цел да го разубави визуелниот изглед на општината, истовремено нагласувајќи го јазичниот и културниот идентитет.

Право на учество имаат поединци, здруженија и правни субјекти со седиште во Општина Центар. Учесниците можат да предложат локација за изработка на муралот или графитот, а доколку е посочен ѕид од фасада на станбена зграда, потребна е согласност од сопствениците.

Аплицирањето се врши со доставување на комплетна документација во Општина Центар, лично или по пошта, со назнака: „Јавен повик за цртање на мурали и графити на јавен простор“. Рокот за поднесување на пријавите е пет дена од денот на објавување на повикот на официјалната веб-страница на Општина Центар.

Финансиската поддршка за избраните проекти ќе биде доделена врз основа на квалитетот, обемот и оригиналноста на предложените идеи, со вкупен фонд од 295.000 денари.

Повеќе информации можете да најдете на официјалната веб-страница на Општина Центар: www.centar.gov.mk.