Актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, синоќа оствари средба со жителите на населбата Крњево, каде што разговараше за идните проекти и го презентираше својот мандат.
Герасимовски истакна дека успеал значително да го намали огромниот долг што го наследил при стапувањето на функцијата, најавувајќи дека општината веќе следната година нема да има никаков долг.
Кандидатот за градоначалник се осврна на транспарентноста и продуктивноста во трошењето на општинските пари:
„Не потрошив ниту еден денар од граѓаните на Центар, потенцирам, ниту еден денар, за патувања и оние непопуларни кафеани. Мислам дека сум единствен градоначалник во државата, кој не потроши ниту еден денар за непродуктивни намени и сите пари, повеќе од 2 милиони денари ги пренаменивме за потребите на социјално ранливите граѓани,“ рече Герасимовски.
Тој потенцираше дека во изминатите четири години, сите негови одлуки биле носени единствено во интерес на центарци, истакнувајќи го својот пристап:
- „Не делев, јас обединував.“
- „Не бегав од проблемите, јас ги решавав.“
- „Не седев во фотељата, туку бев на улиците и во домовите.“
Герасимовски информираше дека за четири години, во Центар се инвестирани над 13 милиони евра, кои се насочени кон:
- Најдобрата градинка во Македонија и најдобрите училишта во Скопје.
- Реконструкција на улици.
- Ранци, прибор и стипендии за учениците.
- Поддршка за културата, спортот и хигиената во градот.