Општина Центар-Скопје објавува Јавен повик за финансиска поддршка за санација на постојни кровни конструкции и лифтови во станбени згради на своја територија, согласно Програмата за комунални дејности за 2025 година (Потпрограма ГДО).
„Ги повикувам сите станбени заедници во Општина Центар кои имаат потреба од санација на покриви или поправка на лифтови да аплицираат и да ги искористат средствата што ги нудиме. Ова е идеална можност за подобрување на условите за живеење, безбедноста и енергетската ефикасност во вашите згради,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Финансиската поддршка е 30% од вредноста на проектот, со максимален износ од 150.000 денари за покриви и 300.000 денари за лифтови, додека 70% од трошоците ги покриваат сопствениците. Повикот се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Право на учество имаат заедници на сопственици или управители од Општина Центар чии згради се постари од 15 години и со најмалку 70% населени станови. Потребно е да се достави одлука со потписи од 50% + 1 сопственик, како и комплетна документација, вклучувајќи договори, понуди, фотографии и технички извештаи.
Пријавите се поднесуваат во затворен плик во Архивата на Општина Центар (барака 6) или по пошта на адреса: ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје, во периодот од 10 мај до 30 јуни 2025 година, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот. За повеќе информации, заинтересираните жители можат да се информираат на линкот https://www.centar.gov.mk/?p=25179 или на општинската веб-страница.