Герасимовски: Работиме посветено за граѓаните, а не само пред избори

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, упати порака до јавноста дека општинското раководство работи посветено и домаќински, согласно реалните потреби на граѓаните, а не по диктат на изборни циклуси.

„Веќе започнуваме со реализација на конкретни барања од жителите. Ниту еден градоначалник не смее да оди кај граѓаните, да вети нешто и потоа да исчезне, за повторно да се појави само пред избори“, порача Герасимовски.

Тој потсети дека за време на неговиот мандат била изградена од темел новата градинка „Пролет“, која, како што рече, претставува една од најубавите и најсовремените установи од ваков тип во целата држава. Градинката обезбедува згрижување за деца од населбите Пролет и Маџир Маало, со највисоки стандарди за безбедност и квалитет.

Во моментов, се реконструира и спортската сала „Работнички“, која децении наназад била запоставена и оставена на пропаѓање. Герасимовски истакна дека реконструкцијата е доказ за сериозниот пристап кон инфраструктурата и потребите на заедницата.

„Работиме посветено, домаќински и транспарентно. Заедно со граѓаните испишуваме нова, позитивна приказна за Центар“, порача градоначалникот.