Герасимовски: Центар чекори напред – со субвенции и инфраструктура до поздрава животна средина

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека во рамки на континуираната комуникација со жителите, вчера остварил средба со граѓаните од строгиот центар на Скопје. Разговорот, како што наведува, бил отворен и се однесувал на неколку клучни предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од воведување на алтернативни, одржливи решенија за подобрување на урбаната средина.

Герасимовски ги презентираше досегашните мерки што општината ги има преземено на ова поле:

  • Субвенции за велосипеди, електрични велосипеди и тротинети;
  • Финансиска поддршка за дополнителна велосипедска опрема;
  • Монтирање сервисни станици и држачи за велосипеди на локации предложени од самите граѓани;
  • Нови урбанистички правила според кои секоја нова станбена зграда мора да има обезбеден велосипедски паркинг.

„Центар чекори напред кон почиста, поздрава и поурбана животна средина. Им благодарам на сите што учествуваат со идеи и поддршка“, порача градоначалникот.

Тој ги повика граѓаните и на нова средба, која ќе се одржи вечерва во 18:30 часот во паркот Капиштец, кај спортското игралиште, каде што ќе продолжи дијалогот за подобра иднина на општината.