Технолошкиот стартап Builder.ai, со седиште во Лондон и проценета вредност од над 1,3 милијарди евра, прогласи банкрот, разоткривајќи шокантни детали за години на измама и финансиска манипулација. Поддржан од гиганти како Microsoft и суверениот фонд на Катар (QIA), стартапот кој вети револуција во градењето апликации – всушност, бил обичен „технолошки театар“.
Наместо ветената вештачка интелигенција, платформата на Builder.ai се потпирала на 700 програмери од Индија кои рачно ја извршувале работата што им била претставена на клиентите како автоматизиран AI процес. Виртуелниот асистент „Наташа“, за кој се тврдеше дека самостојно гради апликации, всушност бил само параван зад кој стоел тим човечки труд.
Уште во 2019 година, Wall Street Journal ги доведе во прашање AI тврдењата на компанијата, предупредувајќи на голема зависност од рачен труд. Поранешни вработени сведочеле дека “нема AI – само инженери”. Но вистината конечно излезе на виделина со внатрешната ревизија спроведена во 2025 година.
Новоназначениот извршен директор Манприт Ратија откри дека приходите на компанијата за 2024 година биле вештачки надувани – од првично пријавени 193 милиони евра, реалната бројка паднала на само 44 милиони. Следела и финансиска истрага во соработка со американските власти, поради сомнежи за размена на лажни фактури со индискиот стартап VerSe. Последниот ги негираше обвинувањата.
Кризата кулминираше во мај 2025 година, кога главниот доверител Viola Credit заплени 32,5 милиони евра поради неисплатени долгови. Builder.ai остана со едвај 4,4 милиони евра – недоволни за да се одржат глобалните операции. Стартапот отпушти околу 1.000 вработени и го изгуби пристапот до cloud-услугите на Amazon и Microsoft, на кои им должи вкупно преку 100 милиони долари.
Во јавна изјава, компанијата призна дека „неуспехот бил резултат на минати одлуки што ја ослабнале нејзината финансиска стабилност“. Builder.ai веќе поднесе барање за стечајна постапка во Велика Британија, САД и Индија.
Ова е уште еден потсетник дека зад сјајот на „вештачката интелигенција“ понекогаш стојат само добар маркетинг – и евтина работна сила.