Голем пожар избувна синоќа во зграда во Кисела Вода, наспроти општинската зграда. Во пожарот, според првичните информации, повредени се четири лица, еден полицаец, еден пожарникар и двајца станари,
Еден стан е целосно уништен, а неколку други се зафатени од огнената стихија, оставајќи дел од жителите без покрив над главата. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, веднаш пристигнал на местото на настанот заедно со својот тим и ги примил евакуираните граѓани во неговиот кабинет.
„Во моментов сите жители се на безбедно и топло, тука ќе останеме заедно. Заеднички ќе најдеме решение за оваа ситуација, мојот народ нема да го оставам на милост и немилост“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој изрази благодарност до пожарникарите и екипите на Министерството за внатрешни работи кои брзо реагираа и го локализираа пожарот, спречувајќи поголема катастрофа. Посебна пофалба упати и до соседите за нивната смиреност и поддршка во критичните моменти.
Градоначалникот најави дека локалната самоуправа ќе обезбеди привремено преноќиште за погодените семејства, а уште од утре наутро ќе се работи на надминување на последиците од оваа несреќа.