Рано утринава, пред 4 часот, избувнал голем пожар во сервис за возила во месноста Каменик, во скопската населба Пинтија. Во објектот имало повеќе автомобили, масла и други лесно запаливи материи.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека скопската Бригада за противпожарна заштита интервенирала со осум противпожарни возила. По тешка борба со огнот, пожарот бил изгаснат два часа подоцна.
Засега нема информации за причината за пожарот, ниту пак за повредени лица.
Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), утринава во земјава има вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, а два се под контрола.
Активен е пожарот во Општина Гевгелија, кај селото Петрово, на планината Кожув.
Под контрола се пожарите на депонијата „Дрисла“ и во скопското село Трубарево, каде гореше електронски и електричен отпад.