Голем пожар кај Јажинце: Затворен граничниот премин кон Косово

Голем пожар избувна попладнево во околината на селото Јажинце, поради што патот кон граничниот премин со Косово е целосно затворен. Поради сериозноста на ситуацијата, на лице место се преземаат големи координирани активности за гаснење на огнената стихија.

​Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, и командантот на бригадата ги координираат сите активности на терен. Во гаснењето се вклучени сите противпожарни екипи од Тетово, заедно со две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

​Кон местото на пожарот се упатени и воздушни сили – авион „Ер Трактор“ на ДЗС и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР).

​Поради интервенцијата, сообраќајот на патниот правец Тетово – ГП Јажинце, кај селото Рогачево, е во прекин во двата правци. Граничниот премин Јажинце е исто така затворен до понатамошно известување.

​Властите апелираат до граѓаните да ја избегнуваат областа и да не го попречуваат движењето на службените возила. МВР, во координација со другите надлежни институции, работи на целосно гаснење на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде дополнително информирана.