Талентираниот голман Миле Свилар вложува максимални напори за да добие дозвола од ФИФА да игра за репрезентацијата на Белгија, земјата во која е роден. И покрај тоа што настапуваше за помладите категории на Белгија, тој во 2021 година дебитираше за сениорската репрезентација на Србија во пријателски натпревар против Катар.
Поради силната конкуренција во српската репрезентација, Свилар сега сака да се врати во белгискиот дрес. Ангажирал тим адвокати кои ќе бараат правна „дупка“ за да му го овозможат ова.
Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ пишува дека Свилар, кој беше прогласен за најдобар голман во Серија А минатата сезона, е убеден во успехот. Неговата мајка е од Белгија, додека неговиот татко е славниот голман и поранешен југословенски репрезентативец, Ратко Свилар.