Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, ја потенцираше својата заложба за поддршка на младите кадри и нивниот професионален развој, претставувајќи ги придобивките од програмата за платено практикантство во Општината.
Герасимовски разговарал со Миа Ивановска, практикантка и студентка на ФИНКИ, за нејзиното искуство, предизвиците и стекнатите знаења.
Кандидатот истакна дека во моментов во Општина Центар се ангажирани седум практиканти кои, покрај теоретското знаење од факултетот, стекнуваат и практично искуство кое може да им го отвори патот кон нови вработувања.
Условите за практикантство вклучуваат:
- Хонорар: 15.000 денари месечно.
- Ангажман: Трае шест месеци со шестчасовно работно време.
- Потврда: По завршувањето, практикантите добиваат потврда за завршена практикантска работа.
Покрај практикантството, Герасимовски најавува и дополнителни мерки за младите:
- Субвенции за полагање возачки испит.
- Различни обуки, едукација и волонтерски ангажмани.
„Младите се иднината на Центар, и токму затоа инвестираме во нив и нивниот професионален развој“, заклучи Герасимовски.