И покрај вчерашниот инцидент и поднесената пријава, на дивоградбата во скопски Чаир сè уште се гради непречено – предупредува советничката во Град Скопје, Ирена Витина, која е блиска соработничка на градоначалничката Данела Арсовска. Таа остро реагира поради, како што вели, игнорантскиот однос на институциите и продолжувањето на градежните активности на само 100 метри од полициската станица.

„И покрај нашето вчерашно присуство на терен и поднесената пријава за небезбедна дивоградба што се гради без документи на булевар ‘Никола Карев’, денеска без срам продолжуваат градежните активности, пред очите на полицијата и надлежните институции, без никаква интервенција“, изјави Витина.
Таа потсетува дека Министерството за внатрешни работи, државната градежна инспекција и општинските инспекции на Чаир имаат законска обврска веднаш да го стопираат понатамошното нелегално градење.
„Граѓаните имаат право на безбеден и законски уреден простор. Толерирањето на вакви дивоградби, особено по официјално поднесени пријави, е директно кршење на правниот поредок и го урива кредибилитетот на институциите. Вчера еден од полициските службеници во станицата Кисела Вода отворено призна дека немаат моќ на одлучување за делови од Чаир. Ако тоа е така – кој тогаш управува со тој дел од Скопје?“, прашува Витина.
Таа апелира за итна институционална акција, потенцирајќи дека законот мора да важи подеднакво за сите.