Градоначалникот Ѓорѓиевски на средба со турскиот амбасадор: Поддршка за реални проекти преку пријателска соработка

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба со амбасадорот на Република Турција во Македонија, Н.Е. Фатих Улусој, на негова покана, во амбасадорската резиденција.

Ѓорѓиевски истакна дека со турскиот амбасадор постои веќе воспоставена конструктивна и пријателска комуникација, базирана на заемна доверба и отвореност. Средбата, како што наведува, претставувала одлична можност за разговор за идните насоки на соработка.

„Верувам дека преку вакви меѓународни партнерства можеме да обезбедиме конкретна поддршка за реални проекти кои ќе им служат на граѓаните, во сите сегменти“, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот упати и благодарност за поканата и досегашната поддршка од Турција, изразувајќи надеж за уште поголемо унапредување на пријателските односи помеѓу општина Кисела Вода и турските институции.