Интервју со Оливера Ливриниќ, кандидатка за градоначалничка на Општина Бутел. Во разговорот Ливриниќ се осврна на повеќе клучни теми за општината, меѓу кои соживотот, решавањето на инфраструктурните проблеми и задржувањето на младите. Таа истакна дека нејзиното искуство во културата и локалната самоуправа ја подготвило да се соочи со предизвиците, бидејќи научила дека политиката мора да им служи на граѓаните, а не на партиите.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Вашата кариера опфаќа различни области, од култура и наследство до локална самоуправа. Како вашето досегашно искуство ќе ви помогне да се справите со предизвиците на едно градоначалничко место?
Ливриниќ: Од културата научив дека трајните вредности се градат со визија и упорност, а како советник во општината секогаш гласавме за сè што е во интерес на заедницата, без да правам политички ПР или калкулации. Тоа искуство ми помогна да разберам дека политиката мора да служи на граѓаните, а не на поединци или партии. Верувам дека токму таа посветеност и искреност, заедно со долгогодишното професионално искуство, ме подготвија да се справам со предизвиците.
Азманоски: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на Општина Бутел и кои се вашите три главни приоритети за првите 100 дена доколку бидете избрана?
Ливриниќ: Жителите на Општина Бутел секојдневно се соочуваат со неколку сериозни проблеми – недостаток на хигиена во јавните простори, небезбедни и запоставени маалски средини, како и слаба инфраструктура и недоволно јавни услуги кои им го олеснуваат животот. Затоа, мој и секако заедно со мојот тим на стручни лица од повеќе области, три главни приоритети во првите 100 дена би биле:
- Воведување систем за редовно одржување на чистотата и поголема одговорност од комуналните служби.
- Подобрување на безбедноста во маалата – осветлување на улиците и зголемена грижа за јавните површини.
- Ќе ја отворам Општината за граѓаните каде преку отворена комуникација со граѓаните и со редовни средби за решавање на нивните потреби и секако транспарентен увид во работата на општината, за секој жител да знае што и како се реализира.
Со овие три конкретни чекори сакам уште на самиот почеток да покажам дека општината е сервис на граѓаните, а не обратно.
Азманоски: Општина Бутел е позната по својата мултикултурност. Како планирате да ја зачувате и унапредите соработката и соживотот помеѓу сите етнички заедници во општината?
Ливриниќ: Општина Бутел е вистински мозаик на култури, јазици и традиции, и токму таа мултикултурност е нашата најголема сила. За мене соживотот не е само збор, туку секојдневна практика што мора да ја градиме со почит, доверба и заедничка работа. Во првите 100 дена ќе иницирам заеднички средби со претставници на сите етнички заедници во Бутел, како и мали локални настани во маалата со цел да се поттикне соработка и доверба. Долгорочно, предвидувам формирање на Младински мултикултурен центар, каде децата и младите ќе имаат можност заедно да учат, твораат и се дружат, како и организација на Фестивал на култури во Бутел, што ќе ги истакнува различните традиции и ќе гради нови мостови на пријателство. На институционално ниво, ќе обезбедам сите општински услуги да бидат достапни и разбирливи за секој граѓанин, без оглед на етничката припадност. Само со еднакво почитување и еднаква вклученост можеме да изградиме вистинска доверба и да го унапредиме соживотот кој е обележје на Бутел.
Азманоски: Како планирате да го решите проблемот со инфраструктурата, особено во руралните и помалите населби во Општина Бутел?
Ливриниќ: Инфраструктурата е еден од најголемите предизвици во Општина Бутел, особено во руралните и помалите населби каде што граѓаните со години се соочуваат со неасфалтирани улици, слаба улична осветленост и недоволна комунална поврзаност. Мој план е да започнеме со јасна мапа на приоритети – прво ќе се идентификуваат најкритичните локации и ќе се подготви динамичен план за нивно решавање. Во првите 100 дена ќе се фокусираме на санација на најоштетените улици и поставување дополнително осветлување во критичните делови, за поголема безбедност на жителите. Паралелно, ќе иницирам транспарентен систем каде граѓаните ќе можат директно да пријавуваат инфраструктурни проблеми, а општината навремено ќе информира за статусот на решавањето. Долгорочно, ќе работиме на проекти за комплетна реконструкција на улиците, подобрување на канализационата и водоводната мрежа и рамномерна распределба на инвестициите – затоа што секој жител, без разлика дали живее во центар или во рурална средина, заслужува достоинствени услови за живот.
Азманоски: Младите сè повеќе ја напуштаат земјата. Кои конкретни мерки и проекти ќе ги преземете за да ја подобрите нивната перспектива и да ги задржите во Бутел?
Ливриниќ: Младите се едни од приоритетите во мојата програма. Верувам дека младите треба да имаат можности за работа, образование и креативен развој во својата општина. Сакам да ги поттикнам и поддржам младите луѓе да останат и да изградат своја иднина овде, во Бутел. За жал, многумина ја напуштаат државата затоа што не гледаат перспектива. Затоа мојата цел е да создадам услови тие да сакаат да останат и да се реализираат тука. Конкретно, предвидувам три клучни мерки:
- Поддршка за младинско вработување и претприемништво – преку локални програми за обука, грантови за стартапи и соработка со бизнис-секторот во општината.
- Културни, спортски и едукативни центри – места каде младите ќе можат да се развиваат, да учат и да се поврзуваат.
- Младински совет на општината – тело преку кое младите директно ќе учествуваат во креирање на локалните политики и проекти.
Верувам дека ако младите добијат можност за работа, простор за креативност и глас во одлуките, ќе ја видат својата иднина во Бутел, а не во заминување.
Азманоски: Како планирате да ја подобрите транспарентноста и отчетноста во работењето на општината, за да можат граѓаните полесно да ги следат донесените одлуки?
Ливриниќ: Во изминатиот период се направени позитивни чекори за зголемување на транспарентноста во работењето на општината, но јас верувам дека тоа ниво може и мора да се унапреди уште повеќе. Планираме да воведам три конкретни мерки:
- Јавна онлајн платформа каде секоја одлука на советот и на градоначалникот ќе биде јавно објавена и лесно достапна за граѓаните.
- Редовни квартални извештаи за финансиското работење и за реализацијата на проектите.
- Отворени денови со граѓаните, каде директно ќе можат да поставуваат прашања и да добиваат одговори за тековните политики и планови.
Транспарентноста не е само формалност, туку начин граѓаните да знаат дека нивните пари се трошат правилно и дека општината навистина работи за нив.
Азманоски: Доколку бидете избрана, како ќе ја користите вашата позиција за да го промовирате и заштитите културното наследство во општината, со оглед на вашето искуство во Министерството за култура?
Ливриниќ: Иако локалната самоуправа нема директна надлежност врз објектите на културното наследство, со моето искуство во Министерството за култура и туризам, ќе иницирам активности кои ќе го истакнат значењето на локалните споменици, како и на оние кои што се наше национално добро, за граѓаните и туристите да ја ценат нивната вредност. На пример, велелепниот Римски Аквадукт, во близина на Визбегово, кој го обединува разнобразното културно наследство на Скопје. Најпрво ќе го исчистиме и уредиме просторот околу Аквадуктот, со пристапни патеки, информативни материјали и др. Потоа, заедно со мојот тим подготвуваме концепт за културни настани, образовни работилници за млади, и кампањи. На овој начин, и локалната самоуправа ќе учествува во градење на свеста и на одговорноста за зачувување на културното наследство – мост меѓу минатото и иднината.
Азманоски: Што ќе направите со инклузивноста на лицата со попреченост?
Ливриниќ: Наша цел е да создадеме општина во која секој жител, без разлика на возраст, пол или социјален статус, ќе се чувствува убаво и безбедно. За ова да го постигнеме, заедно со тимот и со граѓаните ќе работиме на проекти и активности особено важни за ранливите категории граѓани. Најпрво ќе формирам Дневен центар за поддршка на лица со попреченост, кој ќе обезбедува:
- дневен престој во стимулативно, безбедно и пристапно опкружување,
- психо-социјална и стручна поддршка,
- активности за социјализација и интеграција во заедницата.
- Центарот како општинска установа ќе има свој професионален тим: дефектолог, психолог, социјален работник, медицински техничар, негователи и волонтери. Дополнително, ќе се спроведуваат и обуки во градинките, училиштата во соработка со родителите, граѓанските организации и со државните институции.