Гран при за македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на фестивалот во Херцег Нови

​На 38. Филмски фестивал во Херцег Нови, Црна Гора, македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги Унковски ја освои главната награда, Голема Златна Мимоза.

​Жирито го награди филмот за неговата способност „да внесе нова виталност и емоции во наративот за созревањето“.

​Во образложението на жирито се наведува дека филмот претставува искрено истражување на првата љубов и товарот на традицијата, раскажувајќи приказна длабоко вкоренета во културата, која истовремено резонира универзално.

​Главниот лик, 15-годишниот Ахмет, се обидува да ги помири традицијата и модерноста и да ги исполни соништата на својот татко, но и своите.

​Наградата му беше доделена на Унковски од страна на уметничкиот директор на фестивалот, Стеван Копривица. Унковски, при примањето на наградата, изјави: „Ова е мојот прв филм, се надевам дека не е и мојот последен. Ќе продолжиме да снимаме филмови дури и кога изгледа невозможно.“