Активисти од иницијативата „Кој е следен?“ и младите од Студентското пленумско движење организираа тивок собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во знак на сеќавање на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На собирот, кој започна точно во 20:16 часот, беше испратена порака на поддршка кон семејствата на загинатите и повредените, со цел да се покаже дека не се сами во својата болка.
Како што беше нагласено од организаторите, главна цел е да се изврши притисок врз институциите, за кои се тврди дека не презеле ништо во изминатите шест месеци.
На плоштадот, граѓаните можеа да остават пораки за поддршка до семејствата на настраданите.
На 16 септември се навршуваат шест месеци од трагичниот пожар што избувна рано наутро на 16 март, кога загинаа 62 лица, претежно млади, а околу 200 беа повредени.
Од организаторите на собирот истакнаа дека настанот не бил несреќа, туку „масакр и свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел“. Тие повикуваат да не се откажува борбата за вистината и да се бара одговорност.