Со два дена задоцнување, Ракометната федерација на Грција остро реагираше поради одложувањето на вториот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу АЕК и Алкалоид, кој требаше да се одигра во Скопје.
Во писмо испратено до Европската ракометна федерација (ЕХФ), грчката страна изразува незадоволство од начинот на кој се менаџирала ситуацијата и бара повторно одредување на натпреварот, со присуство на навивачи од двете страни. Во дописот, грчката федерација тврди дека Грција има долга историја на беспрекорна организација на европски финалиња и дека натпреварот во Атина поминал без ниту еден инцидент, додека, според нив, проблемите започнале во Скопје – каде немало реални безбедносни закани на трибините.
Грците прашуваат зошто безбедносните органи во Македонија алармирале дури по првиот натпревар, како е можно државата да не може да обезбеди 650 навивачи во сала со капацитет од 7.000 места, и зошто не било понудено фер решение – со ограничување на бројот на навивачи од двете страни.
„АЕК беше подготвен за фер меч, но беше притиснат да игра во нерамноправни услови. Финалето мора да се игра повторно – ова е прашање на фер-плеј, вредност што потекнува токму од нашата земја“, стои во обраќањето потпишано од претседателот и генералниот секретар на ОХЕ.
Според грчката федерација, правилниците на ЕХФ се прекршени без доволно основа, а сето тоа, како што наведуваат, нанесува штета на спортот и еднаквоста во натпреварувањето. Очекуваат ЕХФ да ја преиспита одлуката и да обезбеди услови за фер реванш.