Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на годишниот состанок за техничка помош во областа на финансиската едукација во Сараево, истакна дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за сеопфатен раст и безбедно користење на финансиските услуги.
Состанокот беше поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, а организиран од Централната банка на Босна и Херцеговина.
Говорејќи на панел-дискусијата „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, Славески предупреди дека иако дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини услуги, таа истовремено создава и нови ризици.
„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. … Дигитализацијата носи нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство.
Во рамките на зголемувањето на финансиската вклученост, Народната банка ја спроведува и иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор. Целта е намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемништво.
Во оваа иницијатива се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници.
Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста.