Во пресрет на почетокот на УС Опен, тениската јавност е разбранувана од веста дека Моника Селеш, една од најдобрите тенисерки на сите времиња, е можна идна тренерка на Новак Ѓоковиќ.
На прашањето на прес-конференција, Ѓоковиќ не го потврди, но ниту го демантираше пишувањето, оставајќи простор за шпекулации.
„Како да ми ги читате мислите… Не можам да кажам ништо повеќе. Зборував за такво нешто, ајде да видиме. Ќе бидете информирани. Ова се некои почетни разговори, повеќе е на емотивна страна, отколку што сакам нешто толку долгорочно. Повеќе е нешто што би ми значело многу“, изјави Ѓоковиќ.
Тој додаде дека е очигледно за кого станува збор, но не сака да го каже името на глас за да не ја објави веста прерано. Селеш, која е родена во Нови Сад, но живее во САД, беше една од најдоминантните тенисерки во нејзино време.