Данела Арсовска со нови обвинувања до Висар Ганиу: 50 нови дивоградби во Чаир, без дозволи и без реакции

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, повторно упати остри критики кон локалната власт во општина Чаир, обвинувајќи ја за дозволување масовна изградба на дивоградби. Во својата најнова јавна објава на социјалните мрежи, таа директно го обвини градоначалникот Висар Ганиу дека не презема ништо против, како што вели, 50 новоизградени објекти без потребни дозволи и проекти.

„Нека му пренесе некој на Висар Ганиу дека ни ова не му е оставено во наследство од баба му, бидејќи тврдеше дека дивоградбите ги наследил, а овде сега се гради. 50 нови згради во моментов и никој не реагира. Немаат дозволи, немаат проекти, крадат вода, крадат струја. Вие плаќајте даноци и скенирајте фискални“, напиша Арсовска, прикачувајќи сателитски снимки од градбите.

Градоначалничката додава дека администрацијата на Град Скопје е законски обврзана да реагира кога има сознанија за оштетување на Буџетот или користење фалсификувани документи во процеси за легализација.

„Кога имаме информација или пријава дека се оштетува буџетот за градот, и кога сме сведоци на докази за фалсификувани службени документи, согласно закон сме обврзани истото да го пријавиме. Во спротивно, со молк стануваме соучесници во криминалот“, нагласи Арсовска.

Ова е уште една во низата јавни прозивки меѓу Арсовска и Ганиу, при што темата за дивоградбите и урбаното планирање во општина Чаир станува сè поактуелна. Засега нема официјален одговор од градоначалникот Ганиу по последните изјави на Арсовска.