Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека синоќа во близина на населбата Нова Колонија биле лишени од слобода две лица кои се обиделе да избегаат од полициска патрола и притоа удриле во службено возило.
Станува збор за осудениците Н.А. (45) и А.Ј. (23), од Скопје, кои биле на отпуст од КПУ – Идризово.
Потера и предупредувачки истрели
Околу 20:20 часот, додека се движеле со патничко возило „ренџ ровер“ на улицата „Панче Неделковски“, лицата не застанале на даден знак од полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции и се дале во бегство.
Веднаш била организирана потера по возилото кое се упатило кон обиколницата, а потоа кон регионалниот пат Скопје – Велес.
Во близина на населбата Нова Колонија, кога полициското службено возило „мазда“ се обидело да го престигне „ренџ роверот“, возачот на „ренџ роверот“ во два наврати удрил во полициското возило.
Поради тоа, полициски службеник испукал предупредувачки куршуми во воздух, но возилото не застанало.
Набргу потоа, возилото излетало од патот во близина на Нова Колонија, по што Н.А. и А.Ј. биле лишени од слобода.
При претресот во возилото се пронајдени пет мобилни телефони, пари и клучеви од повеќе возила. Против осудениците ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по документирање на случајот.