Два светски рекорда во еден ден: Кејти Даглас и Кејли Мекеон блеснаа на Светскиот куп

Американската пливачка Кејти Даглас и Австралијката Кејли Мекеон поставија два светски рекорда на Светскиот куп во Вестмонт (базен од 25 метри). Даглас исплива најбрзо на 100 метри слободно, додека Мекеон ја собори границата на 200 метри грбно, продолжувајќи ја низата одлични резултати на ова натпреварување.

​Кејти Даглас, која е олимписка шампионка на 200 метри градно од Олимписките игри во Париз, го освои финалето на 100 метри слободно со време од 50,19 секунди. Со овој резултат, таа го собори претходниот светски рекорд од 50,25 секунди, кој го држеше Австралијката Кејт Кемпбел од 2017 година.

​Второто место во трката на 100 метри слободно го освои Австралијката Моли О’Калахан (51,44 секунди), која само еден ден претходно постави нов светски рекорд на 200 метри слободно со време од 1:49,77.

​Во меѓувреме, Австралијката Кејли Мекеон го собори светскиот рекорд на 200 метри грбно. Мекеон, која освои олимписки титули во дисциплините 100 и 200 метри грбно на игрите во Париз и Токио, победи со време од 1:57,87 минути.

​Таа го надмина претходниот рекорд на Американката Реган Смит (1:58,04), која на ова натпреварување го освои второто место со резултат од 1:57,91 минути.