Движењето ЗНАМ во изборна офанзива: Формиран Централен штаб и почнува работно лето

Движењето ЗНАМ за наша Македонија синоќа, на седница на Централниот одбор, го формираше Централниот изборен штаб кој ќе ја води партијата низ претстојната кампања за локалните избори.

Според официјалното соопштение, за шеф на Централниот изборен штаб е назначен генералниот секретар на партијата, Горан Минчев. Истовремено, избрани се и шефовите на регионалните изборни штабови во сите шест изборни единици.

„До крајот на јули ќе бидат именувани и шефовите на општинските штабови, а со тоа партијата од август преминува во целосен штабски начин на работа“, информираат од Движењето.

На седницата се дискутирале и активностите што ќе претставуваат увертира за изборната кампања, како и процесот на финализирање на кандидатските листи за советници во сите општини каде што ЗНАМ има свои организации.

Од партијата најавуваат дека ќе продолжат со теренски активности во рамки на третата фаза – средби со членството и симпатизерите во сите градови и села ширум Македонија, што, како што велат, значи „партиско работно лето“.