Хрватскиот ветеран Лука Модриќ го одигра својот прв натпревар за Милан, но неговото деби беше во сенка на убедливиот пораз. Милан доживеа вистински дебакл на „Стемфорд Бриџ“ на генералната проба пред почетокот на новата сезона, губејќи од Челзи со резултат 4:1.
Модриќ влезе во игра на почетокот на второто полувреме, кога Челзи веќе водеше со 2:0 со автогол на Андреј Кубиш во 5-та и гол на Жоао Педро во 8-та минута. Романскиот дефанзивец Кубиш имаше катастрофална вечер, откако покрај автоголот заработи и директен црвен картон во 18-та минута, оставајќи го својот тим со играч помалку.
Лиам Делап го зголеми водството на 3:0 од пенал во 67-та минута, а почесниот гол за Милан го постигна Јусуф Фофана во 70-та минута.
Конечните 4:1 ги постави повторно Делап во 90-та минута. Челзи, кој следната недела го пречекува Кристал Палас, со оваа победа успешно ја заврши подготовката за новата сезона.