Според „Глобалниот извештај за состојбата на демократијата 2025“ на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (IDEA), слободата на медиумите во светот го бележи најголемиот пад во последните пет децении. Извештајот покажува дека во изминатите пет години демократијата назадувала во 94 земји.
Генералниот секретар на IDEA, Кевин Касас-Замора, изјави дека демократијата е под „совршена бура“ од автократски засилувања и големи социјални и економски промени. Тој нагласува дека за нејзина заштита се потребни не само зачувување на изборите и владеењето на правото, туку и длабоки реформи за поголема инклузивност.
Извештајот посочува дека слободата на медиумите се влошила во една четвртина од државите, со најголеми падови во Авганистан, Буркина Фасо, Мјанмар и Јужна Кореја. Во Палестина, речиси 200 новинари се убиени од октомври 2023 година, а Израел им забранува на странски медиуми влез во Газа.
Како позитивни примери се наведуваат Чиле, кое усвоило законски иницијативи за заштита на новинарите, како и напредокот во Боцвана, Јужна Африка, Полска и Јордан.
Извештајот предупредува и дека САД го намалиле своето учество во глобалната поддршка на демократијата, што дополнително ја ослабува меѓународната демократизација.